Повеќе дипломати неофицијално а екс амбасадорот во НАТО Зоран Дабиќ и официјално, реагираат на вчерашниот скандал во МНР каде власта го понижи претседавачот со 62 генерално собрание на ОН, Срѓан Керим.
,,Како мислиме да не почитуваат другите, кога самите себе не се почитуваме? Најнов пример на себе непочитување и непочитување на сопствените вредностите и историските постигнувања се случи вчера во Министерството за надворешни работи, на одбележувањето 30 години од зачленувањето на Република Македонија во организацијата на Обединетите Нации.
Како професионален дипломат го осудувам несфатливото и селективно игнорирање на единствениот до сега претставник на Македонија на чело на Светскта организација д-р Срѓан Керим, поранешен министер и амбасадор, кој иако поканет, не беше повикан да се обрати, па дури не ни беше спомнат во официјалните обраќања од раководството на МНР”, вели Дабиќ за настанот на кој не бил споменат ни Лазар Мојсов кој за време на Југославија бил претседавач со ГС на ОН.
,,Исто така, укажувам и на големиот пропуст на неповикување на сите досегашни македонски амбасадори во седиштата на ОН во Њујорк, Виена и Женева, кои што изминатите три децении се вградиле себе си во работата на ОН, како и на оние што вложиле многу труд, време и средства за достојна промоција и влез на Македонија во најголемата светска организација, што исто така фрли сенка на прославата на значајниот јубилеј. За жал, наместо да го градиме и надополнуваме габаритот на државноста, ние како нарочно да работиме на неговото осиромашување и започнување одново и одново.
Ваквиот лош третман на сопствените вредности секако беше рефлектиран и со многу слабото учество на дипломатскиот кор во земјава, што е доста загрижувачко, а за мене особено непријаен знак претставуваше отсуството на амбасадорите на некои од најголемите земји во светот.
Време е раководството на МНР да се издигне над сопствените лимити и да свати дека промоцијата на нашата држава на светската сцена не е ниту партиска, ниту работа на лични преференци. Тоа така едноставно не се прави. Идни оправдувања дека станало збор за некаква техничка грешка едноставно не држат. Преголема е темата.
Бараме МНР да се врати на патеките на професионализмот и цврста заштита на интересите на Македонија. Негирањето и запоставувањето на сопствената историја никому не донела добро”, пишува Дабиќ за скандалот во МНР.






