Прашањето за името беше најлесниот од големите балкански проблеми, велат бившите американски амбасадори Камерон Мантер и Френк Визнер во заедничка статија за Западен Балкан со професорот на ЦЕУ, Марко Прелец, за американски „Нешнел интерест“.



„Регионот е во неволја, која лесно може да се прошири на остатокот на Европа и да влијае на интересите и на безбедноста на Соединетите Држави. Најтешки проблеми се односот меѓу Србија и Косово, како и судирите во Босна и Херцеговина во однос на идентитетот и на опстанокот на таа држава. Двата имаат корени што се враќаат во војна, ги креваат основните прашања на идентитетот и длабоко се емотивни“, стои во написот пред да се елаборира „леснотијата“ на грчкиот проблем со името на македонската држава.

„Имаше и трет предизвик: одбивањето на Грција да го прифати името на својот сосед Македонија. Двете земји тоа тукушто го решија со новото компромисно име ‘Северна Македонија’. Тоа беше најлесниот од големите балкански проблеми. Сепак, им требаа речиси 30 години, со огромни трошоци. Северна Македонија загуби околу 15 години напредок кон членството во НАТО и во ЕУ, бидејќи квалитетот на нејзиното управување се излизга од најдобар кон најлош во регионот. Северна Македонија сега е на тежок, но надежен пат“, пишува во текстот.

Мантер е претседател на институтот „Исток-Запад“ од Њујорк и американски амбасадор во Србија од 2007 до 2009 година. Визнер беше амбасадор четири пати, како и секретар за одбрана и државен секретар за работи од меѓународната безбедност. Прелец е експерт за јужна и источна Европа, како и за државите од поранешна Југославија.