Димовски: Врската меѓу власта, костумите и порцеланските заби

Охридски јавен обвинител тврди дека секоја промена на власт има свој импакт и на модните трендови.



Според обвинителот Војо Димовски при секоја промена на власта сведочиме на појава кога ликови кои сте навикнале да ги гледате во тренерки, после години поминати по зачадени кладилници, “веднаш чим се доберат до некакво функцииче монтираат на себе костум”.

“По правило, на првиот работен ден се појавуваат во зетовскиот костум (читај: костум за свадби и погреби), а откако добро ќе зацицаат на државната цицка, се купува првото функционерско оделце.

Станува збор за одело кое е три броја помало од реално потребното, па неговиот носител, поради напонот во плеќите, ги држи рацете благо подигнати и изгледа како што изгледав јас пред два-три дена, откако со старинска-аналогна коса, искосив 600 квадрати ливада во пчеларникот во еден здив. Ничим изазван!

Не морам да напоменувам дека на таквите, оделото им стои како насила монтирано, како одвишно и непотребно, а така им стои и главата на рамена, бидејќи им е неупотребувана, па во таа смисла и непотребна.

Не сакам да се промовирам себеси во некаква авангарда во политолошката мисла, ама мислам дека сум прв во глобални рамки, кој ќе ја објасни врската помеѓу припарувањето до власт и стоматологијата.

За што се работи: погоре опишаните примероци на партиски функционерчиња, откако поради биолошки причини ги изгубиле млечните заби, а поради хигиенски причини трајните заби, ставаат порцелански заби. За разлика од оделцето, забите им се предимензионирани, па и онака рудиментираната глава, им изгледа уште помала.

Постојат повеќе теории зошто се прави нарачка на големи, така да кажам, монументални заби, ама за мене најточна е онаа според која функционерчето оди на забар со илјада евра во рацете и нарачува заби за сите пари! Таквите заби бараат месо за џвакање и тоа им се овозможува, на потпис и на државна сметка!

Посебна тема се функционерските модни аксесоари. Овде само површно ќе се докоснеме на беџовите, а тоа од причина што не ми излегува од мислите една лејка што месеци наназад шета со беџ на кој пишува „Директор“. Тоа за мене е позитивен пример, пред се поради тоа што ако не прочитав што пишува, сосема сигурно ќе мислев дека е лејка. Неупатените треба да знаат дека лејка е еден вид на тиква, која служи за црпење на течности, а таквата своја функција ја добива поради тоа што е празна.

Имам уште многу да зборувам на темата, ама ете имам поважна работа. Имено,доцна е и некој треба да не спие вечерва кога ќе се сети кај живее. Тој некој сум јас”, пишува Димовски во интересната и духовита анализа.