Димковски: “Разочарувачка беше одлуката на Путин да ја стави Македонија на ‘црната листа’ на непријателски држави“

„Светот, и Македонија со него, забрзано се движат кон својата зона на самракот. Токму така може да се окарактеризираат и одредени потези и политики изминатиот период во светот, но и околу Македонија. Како чудни, нејасни, збунувачки, па и вознемирувачки потези од зоната на самракот.“ – вели Александар Димковски, главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“ во својата анализа со наслов „Зони на самракот околу Македонија“.

Димковски пишува: „За многумина граѓани изненадувачка и разочарувачка беше одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја стави Македонија на ‘црната листа’ на непријателски држави. ‘Црните листи’ не би требало да се орудие на 21 век. Како пример од таканаречената ‘зона на самракот’ може да се вклопи и повикот за регрутација на македонски доброволци за учество во војната во Украина. Повторно обид за подметнување и жртвување македонски граѓани за остварување нечии туѓи цели. Зарем малку Македонци во минатото ги положија своите животи борејќи се во туѓи војни?“

„Ваквиот повик претставува кршење на домашниот Кривичен законик, со кој строго се забранува учество на македонски граѓани во странски војски и за што се предвидени високи затворски казни. Кој сака сега да ги втурне македонските граѓани во кривично дело? Надлежните институции мора во следниот период да ги осуетат, превенираат и санкционираат сите евентуални обиди за регрутација на македонски граѓани за учество во воени дејства.“

Но да се свртиме малку и кон, условно, посветлата страна од таканаречените ‘зони за самракот, која има, исто така, нејасна и збунувачка заднина. Бомбастично одекна веста за пречекот на министерката за одбрана Славјанка Петровска во Лондон со церемонија со највисоки воени почести и со изведба на македонската песна ‘Јовано, Јованке’ од воениот оркестар. Секоја чест за британскиот воен оркестар. Според упатените во државен протокол, најсоодветно во вакви пригоди е интонирање и свирење на химната на гостинот. Прво химната ‘Денес над Македонија’ се раѓа, а потоа може и ‘Јовано Јованке“.“



„Имаме и други убави македонски песни, кои може странските воени оркестри да ги свират за време на пречекот, се разбира по химната. Еве, на пример, во некоја следна пригода може по нашата химна да ја отсвират песната ‘Едно име имаме’ или ‘Бисер балкански’, или можеби ‘Земјо македонска’. Нели музиката не познава граници? Доказ дека македонскиот мелос е мелем за уши и лек за душата е и јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу. Тој досега има отпеано редица познати македонски песни и, како што вели, ужива во нивната изведба. Кога може Котецу, можат и другите.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/zoni-na-samrakot-okolu-makedonija/