Димковски: „Странците ја инсталираат Бугарија како окупатор во РМ! Но, главата горе, Македонци, ништо не е изгубено, нe плашете се!“

„Македонија е под целосна опсада. Изложена на вкрстен оган и однадвор и одвнатре. Ова е веќе брутална политичка агресија со сите можни средства, со единствена цел бришење на македонскиот идентитет.“ – вели Александар Димковски, главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, во својот коментар со наслов „Која е разликата меѓу омикрон и омакрон?“

Покрај другото, Димковски пишува: „Во моментов се води војна, за која зборува целиот свет, во Украина, но не помалку опасна и драматична битка се одвива и во Македонија. Суштината е речиси иста. За случувањата во Украина се користи терминот окупатор, при што западните партнери и цела Европа помагаат на сите можни начини, со логистика, оружје и со пари, да се исфрли окупаторот, кој самите така го нарекоа. Со сите сили се прават обиди во Македонија да се инсталира надворешен окупатор. Во лицето на Бугарија и со сесрдна помош на Европа.“

„Ако овој таканаречен француски предлог се стави на референдум во која било држава во Европа, освен во Бугарија, тој ќе биде апсолутно отфрлен од граѓаните. Како што беше со огромно мнозинство отфрлен и во домашните анкети и истражувањата на јавното мислење тука во Македонија. Затоа, народе македонски, главата горе! Ништо не е изгубено и ништо да не ве плаши!“
.
„Спротивно на волјата на граѓаните, кои категорично ги отфрлија бугарските и европски уцени, Европа и западните партнери и натаму притискаат за окупација на Македонија под плаштот на некаква наводна идна европска интеграција. Францускиот предлог во својата суштина е агонија, бришење, асимилација и изумирање на сѐ што е македонско. Нова бугарска окупација на Македонија, овој пат со амин на Европа.“

„За време на Втората светска војна бугарските окупатори дојдоа насила во Македонија, убиваа, колеа и пролеваа македонска крв. Сега се бара од Македонија сама доброволно да ги покани и прифати како свои администратори и асимилатори. За навек. Со свој потпис да си ја запечатиме судбината. Но истовремено и минатото и иднината. Да се одречеме и откажеме од тоа што сме и тоа што отсекогаш сме биле – Македонци, за наводно некогаш да станеме Европејци. Но Европејци без сопствен идентитет и историја.“