Новинарот и екс заменик министер за локална самоуправа Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз кој ја напушти владата по бугарскиот предлог упатува на зборовите на холандскиот амбасадор во Македонија кој вели дека спроведување на реформите е многу поважно од уставните измени.
,,Ова што го вели амбасадорот на Холандија, Јан Коп, во интервју со Стојан Трпчевски за МТВ, од синоќа, 27 јуни, е вистинската дијагноза за политичкиот ќорсокак во кој не дотераа СДСМ и ДУИ”, смета Димитровски.
,,Пред една година С. Македонија и Бугарија склучија билатерален договор. Билатерален. Членките на Европската унија и самата ЕУ не се страна во овој договор. Но со овој договор беше овозможено да почне првата меѓународна владина конференција. Ако ја погледнете оригиналната долга листа на желби на Бугарија, она што е во овој договор е прилично минимално, бара мала промена на Уставот. Но отворањето на првата фаза значеше дека почнува скрининг процесот. Да се види што се е направено и што треба да се направи.
Во моментот кога ќе се направи уставната измена, автоматски, нема потреба од понатамошна одлука, и ќе почне втората фаза. Втора меѓународна владина конференција.
И во оваа фаза за која ќе бидат потребни неколку години сите мерки кои треба да се преземат ќе се преговараат меѓу Брисел и Северна Македонија. Меѓународната владина конференција ќе следи по уставните измени. Што се случува во позадина, за жал гледам дека премногу луѓе се опседнати со оваа уставна измена.
Во однос на Холандија не е важно. Навистина не е важно. Не може да се употреби како изговор да не се спроведат реформите. Спроведувањето на реформите е многу поважно од уставната измена. Можете да ги спроведете реформите без уставната измена. Луѓето велат „да, ама така не се стигнува до втората фаза“, тоа е преговарачката рамка.
Исто така можете да ги реализирате сите неопходни преговори, без рамката. Малку е покомплицирано, но тоа не е вистински изговор за да не се спроведат реформите. Тоа е мојот одговор. Само напред. Фокусирајте се на тоа што е навистина важно, а тоа е земјата да влезе во Европската унија.
А тоа ќе се случи за неколку години кога ќе ги исполните сите услови. И ако до тогаш Уставот не е сменет, ќе треба да се менува секако за да се внесат сите промени во новата рамка на денот кога вашето знаме ќе биде поставено во Брисел до нашето”, стои во изјавата која ја пренесува Димитровски а која што ја кажува холандскиот амбасадор.






