„Често се присетувам на еден разговор со Никос, кога за време на заедничкото разгледување на Храмот на Посејдон инспирирани од митот за кралот Егеј, контемплиравме со идејата и двајцата да дочекаме иста судбина доколку повторно не успееме да постигнеме напредок.
Имено кралот Егеј, по чие име според легендата било именувано Егејското море, во момент на очај скокнал од карпата во морето и се удавил“, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за МИА.
Шефот на македонската дипломатија во интервјуто споделува интересни детали од процесот на преговорите со Грција околу разликите за името, за што, како што најавува, ќе пишува и книга.
„После кратко размислување, со остра мисла и голема харизма, Никос ме утеши дека тој е надарен пливач и дека дури и ако скокнеме, тоа не значи дека нема да продолжиме пливајќи“ раскажува Димитров.
Тој вели дека целиот процес до потпишување на преспанскиот договор бил неизвесен.
„Имаше многу угорнини и падови, емоции и ситуации кога решението изгледаше безмалку недостижно. Така беше на една од средбите во Виена, а и на средбата во Охрид. Но, тоа во ниту еден момент не не поколеба да продолжиме, да ги разбереме разликите и да ги покриеме главните грижи на двете страни за да го затвориме ова децениско прашање“ – раскажува министерот Никола Димитров кој вели дека „договорот е најдоброто можно решение за двете страни“.





