„Па Бугарија и СЕГА го негира постоењето на македонскиот јазик и ни го пишува во наводници. Па токму согласно тезата на (претседатетелот) Пендаровски, треба и сега да ги прекинеме преговорите, односно воопшто да не ги почнуваме под овие длабоко антиевропски услови“, пишува поранешниот МНР Никола Димитров во Колумна за „Плусинфо“ во која констатира дека шефот на државата – греши.
▪︎Димитров цинично забележува дека „предлогот е нов бидејќи така кажал Макрон“!
Ова беше клучниот аргумент зошто и тој го смета предлогот за нов. Оти така кажал Макрон (кој не кажа баш така). Подобро би било чесно да се анализираат корекциите во текстот, бидејќи веќе ги имаме.
Имено, се работи за две “разлики” во текстот:
1) иако првата политичка меѓувладина конференција ќе почне да ги отвара преговорите (претходно не беше така) фазата на отворање ќе заврши по внесувањето на Бугарите во Уставот (како и претходно);
2) зборовите “билатерални протоколи” по член 12 сега се “годишни извештаи и мерки за ефективна имплементација” по член 12 (една иста работа сега има поинаков назив, бидејќи токму протоколите од член 12 содржат годишни извештаи и мерки).
„Најголемата мана на предлогот е што ќе дојдеме до нова блокада но сега домашна, бидејќи нема 2/3 мнозинство за промена на Уставот“, вели Димитров.
На„констатацијата“ на претседателот Пендаровски дека било „подобро да не’ оценува Европската комисија и сите земји членки, одколку само Бугарија“, Димитров пишува:.
„Бугарија не си ги прикрива намерите. Како дополнителна точка кога го усвои предлогот, бугарското Собрание порача: “Да се гарантира дека добрососедските односи остануваат хоризонтален критериум преку целиот пристапен процес на Северна Македонија и за нивната имплементација ќе известува Европската комисија (прво) до Советот (читај до земјите членки и пред се’ Бугарија) пред секоја меѓувладина конференција (каде седиме и ние).
Со други зборови, Бугарија нема никаква намера да го разлабави менгемето. Напротив. Сака да го види извештајот прво таа. А која земја членка ќе се интересира повеќе од Бугарија што се случува во комисијата на историчарите, Ирска?






