Ова во статус на Фејсбук го порача екс-министерот за надворешни работи Никола Димитров кој бара владата да „подзабави“ и пред граѓаните искрено да се образложат состојбата, можните опции и нивните последици од прифаќањето или не на францускиот предлог.
„Потоа преку дијалог, дебата и мудрост да се изнајде решение кое ќе биде засновано врз сеопфатна стратегија. Само одлука постигната на ваков начин, каква и да е, ќе биде прифатена како легитимна“ , вели Димитров во објавата.
„Субјект кој ќе понуди платформа за ваков пристап, ќе демонстрира врвна државничка мудрост. Само така народот ќе застане зад решението.
Вака како што е сега е погубно за сите. Се создава лажна дихотомија и наратив на „се’ или ништо“ и „сега или никогаш“ со што се продлабочува веќе постоечката поларизација. На крајот сите ќе бидеме губитници – наместо силна држава во ЕУ, ќе имаме раскарана, поделена, нестабилна држава која и да ги исполни новокомпонираните критериуми за „добрососедство“, ако воопшто дојде дотаму, ќе падне на испитот за демократско владеење и стабилност на институциите.
Никогаш не е доцна. Во крајна линија, тоа дополнително време и ангажман ни го должат и од ЕУ, после 17 години чекање.
Оти вака, после овие посети на Скопје, ќе прогласат набрзина успех и ќе не’ заборават, ама кога ќе дојде работата во безизлез и плачки, ќе ја криват Македонија“, констатира поранешниот шеф на дипломатијата.
Во објавата на Фејсбук, тој за протестите вели дека „за било какво насилство нема оправдување. Протестите треба да бидат европска критика, а не да се киднапираат од деструктивни центри“.







