Во обраќање пред Атлански совет на САД во Вашингтон, министерот за надворешни работи Никола Димитров призна дека и покрај менувањето на името, ќе биде тешко за Македонија да стане членка на Европска унија.
„Пропуштивме неколку возови за Европа. И додека бевме во чекалницата, регионот и ЕУ се сменија, а се смени и начинот на кој се примаат нови членки. Веќе нема волја за проширување. Поминаа деновите на обединување на Европа“, изјавил Димитров.
Министерот, според повеќе медиуми, им укажал на соговорниците во Вашингтон дека Европска унија сега оправдано има нови, многу построги критериуми за членство и веќе не прифаќа блеферски држави кои се преправаат дека спроведуваат реформи.
Атлански совет е институција која го промовира проширувањето на НАТО и имањето активна и силна американска надворешна политика, при што Димитров оценил дека приемот на „Северна Македонија“ во НАТО е извесен, но приемот во ЕУ е под знак прашалник, и покрај менувањето на името. Според него, македонското отворање на преговори со ЕУ ќе значи засилена трка со Црна Гора и со Србија за реформирање на судството и за владеење на правото во државите.
По обраќањето на Димитров било овозможено само кусо време за поставување прашања поради неговото заминување за Брисел, каде треба да се потпише протоколот за прием во НАТО.
Мето Колоски од Обединета македонска дијаспора изјави дека не му било дозволено да постави критички прашања на Димитров, за нарушувањето на македонскиот суверенитет и национален идентитет со менувањето на името, поради што тој прашањата ги објави преку социјалните мрежи.





