Заедничката комисија, која согласно Договорот за добрососедство треба да помогне за надминување на разликите по историските, образовните и други прашања меѓу Бугарија и Македонија ќе се состане во Скопје на 4 и 5 октомври, најави во емисијата „Сабота 150“ професорот Ангел Димитров, првиот бугарски амбасадор во Македонија по прогласувањето на независност и актуелен претседател на бугарскиот „тим“ во Комисијата.



Како што пренесуваат бугарски медиуми, тој не е категоричен дали е потребен анекс кон Договорот за добрососедство, за да се официализира терминот „заедничка историја“:

„Во Деловникот на Заедничката комисија напишавме дека работиме врз основа на нашата заедничка историја. Нашите колеги, во една или друга форма, веќе ја прифатија оваа формулација. Тоа не значи дека сме апсолутно на исто мислење во толкувањето на самиот термин ‘заедничка историја’. Има несогласувања и на следниот состанок ќе имаме сериозна дискусија за тоа како треба да се разбира терминот. За нас, како историчари, е совршено јасно дека можеме да зборуваме целосно спокојно за заедничка историја до крајот на Првата светска војна“ вели Димитров според кој не би требало да има изненадувања на средбата во Скопје.

Тој уште додал дека некои од учебниците (во Македоиј -н.з.) што ги прегледал биле „неверојатно погрешни“ од гледна точка на Бугарија и дека врз основа на разбирање за заедничка историја Комисијата треба да им понуди на двете влади настани и датуми кои треба заеднички да се одбележуваат како симбол на блискоста и заедничките интереси меѓу двете земји.

Во споменатото гостување во емисијата „Сабота 150“, Димитров го прокоментирал интервјуто на поранешниот македонски премиер Владо Бучковски за бугарскаат БНТ.

„Сè што рече Владо Бучковски е во право. Тој направи многу добра анализа на состојбата во Република Македонија во моментов, на ситуацијата пред референдумот и на можните последици од позитивно или негативно развој на процесот. Она што тој го кажува за Договорот за пријателство и соседство е, исто така, совршено прецизно“, оценил Димитров во емисијата.

Бучковски: Македонија прави голема жртва поради лудите десет години на Груевски!