Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров реагира на намерата на премиерите Ковачевски и Петков од ЕУ да побараат вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав да стане европски услов а за неговото исполнување да гарантира Брисел.
Во интервју за „Еурактив“, bугарскиот премиер Кирил Петков вели дека со македонската влада предводена од Димитар Ковачевски ќе достават заеднички предлог до Европската комисијата, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот устав во текот на пристапните преговори со ЕУ.
Петков вели дека тоа не е билатерално прашање, туку е во согласност со принципите на сите земји членки на ЕУ.
„Значи ние самите бараме бугарското барање да стане европско“, реагира Димитров на интервјуто на бугарскиот премиер за „Еуроактив“.
„Петков зборува за некаква потреба од правна заштита за етничките Бугари кај нас, нешто што веќе е уставно гарантирано за сите македонски граѓани без разлика на нивната етничка припадност.
Ако ова писмо се прати, Владата практично би се обврзала на нешто за кое не е уставно надлежна (измена на Уставот прави Собранието со 80 пратеници) и второ – повторно ние правиме концесија, без притоа да има договор за прашањата што во проблемот со Бугарија нам ни се клучно важни, како на пример – чист македонски јазик во преговарачката рамка.
Ова или води кон целосна победа/пораз договор, или кон отежнување на било каков договор во иднина, бидејќи со оваа тактика јасно е оти ќе останат како нерешени само прашањата што нам ни се суштествени.
Затоа, за овој чекор да има елементарна логика, во најмала рака Бугарија во истото писмо треба да се обврзе дека ќе ја прифати рамката во која за македонскиот јазик нема да има (до)објаснувања, заедно со другите суштински елементи за македонската страна, како што е на пример фактот дека нашето делување во Советот на Европа никако не може да се подведе под мешање во внатрешните работи на Бугарија.Главното прашање е – дали е тоа обезбедено?
Искрено се надевам дека е така.
Оти без таква гаранција, ова не само што би било исполнување на уште едно нивно барање без никаква возвратна концесија, туку е рамно на национален пораз“,пишува Димитров на Фејсбук.






