Ние денес направивме една отстапка, без притоа Бугарија да одговори со нешто, што нам ни треба и ни е важно, изјави синоќа поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, во гостувањето во Топ тема на телевизија Телма, во однос на тоа дека Бугарија веќе не се противи на користењето на скратеното име „Северна Македонија“ во меѓународните организации.
Јас во средата предупредив споменувајќи ја македонската нота до ОН за долгото и краткото име и тогаш прашав дали се размислува за тоа да се направи и кажав дека тој чекор ќе ги ослабне македонските преговарачки позиции, изјави Димитров.
„Тоа што посебно денес ми пречи е и тоа што за жал предупредувањето стана реалност немам причина да ликувам мислам дека напротив чувствувам разочараност бидејќи ние имавме една позиција градејќи ги односите со Бугрија дека „ништо не е договорено додека се не е договорено“ и не може да се прават отстапки од едната страна, тоа што ја потценуваа јавноста во Македонија е начинот како беше ова претставено дека Бугарија нема повеќе да преговара за името тоа е обид за спин, вели Димитров, додавајќи дека тоа било едно од барањата на Бугарија.
Вчера премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков соопштија дека Бугарија прифати да го користи скратеното име Северна Македонија, подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународни процеси, за што ги известила и Обединетите нации. Македонија пак со вербална нота до ОН потврди дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија.







