Само поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов се јави на партискиот оглас на СДСМ за пријавување кандидати за претседател на државата кој заврши вчера.



Паралелно со ова, владејачката партија води интензивни преговори со коалициониот партнер ДУИ и со партиите од албанскиот блок за изнаоѓање консензуален кандидат –лидерот на СДСМ Зоран Заев веќе имаше одделни разговори со Али Ахмети на ДУИ,  Мендух Тачи  на ДПА и Африм Гаши на Алтернатива.

Заев најави средби и со опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села денеска, и со Беса на Билал Касами утре.

По нарачка на СДСМ, во тек се анкети кои треба да покажат кое од имињата кои се вртат како можен избор за претседателски кандидат би ја добило довербата на изборите во април.

„Фокус“ дознава дека во новите анализи покрај познатата владина четворка – Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Стево Пендаровски – ќе биде вклучено и ново име кое до сега не се споменуваше.

Досегашните анкети покажуваа високи рејтинзи на Димитров и Пендаровски како надпартиски кандидати „за разлика од Шекеринска и Спасовски кои имаат високи функции од партијата“.

Вчера на површина излезе и името на Теута Арифи, како можен кандидат за консензуален претседател. Нејзиното име било предложено од страна на ДУИ, а во СДСМ генерално немаат ништо против а Арифи има добри односи со СДСМ уште од времето кога беше вицепремиер.

Партиските органи на СДСМ и ДУИ односно нивните организациски секретари до крајот на неделава ќе ги продолжат консултациите за можен зеднички претседателски кандидат.