Вицепремиерот Никола Димитров е еден од министрите што останаа без функција кои ќе добијат апанажа односно 12 месечна плата од државата затоа што немаат друго работно место.
Освен Димитров апанажа ќе добијат и Мила Царовска и Ариjанит Хоџа кој сам ја напушти владата.
Тоа значи дека Димитров 26 години откако прв пат добил државна плата ќе остане на платен список на владините институции.
Тој се вработил во МНР веднаш по дипломирањето во 1996 година и од тогаш со исклучок на еден период за време на Шарената револуција кога работеше за меѓународен институт во Холандија постојано бил на државни функции: Советник , заменик министер , преговарач за името, амбасадор, министер и вицепремиер.
Наредната година ќе биде платен од граѓаните затоа што сега е невработен.
На министрите на кои по стапувањето на функциите, работните места им биле во мирување веќе се вратиле на претходната работа.
Димитров за „Слободен печат“ потврди дека ќе побара апанажа.
-Јас при влегување во Владата откажав ангажман во меѓународен институт во Париз и сум човек што живее од плата. Не сум од тие кои и покрај работата имаат бизниси. Додека не се организирам, ќе користам апанажа – вели екс вицепремиерот за евроинтеграција Димитров.
Поранешната министерка за образование Мила Царовска за СП одговорила дека ќе користи апанажа.
На старите работни места веќе се вратиле поранешните министри за труд и социјала, за здравство и за култура, Јагода Шахпаска, Венко Филипче и Ирена Стефоска.
Единствена која уште не открива дали ќе бара апанажа е ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска.





