Ангел Димитров, претседател на бугарскиот тим од заедничката бугарско-македонска комисија вели дека Гоце Делчев е само почеток на големите спорови во толкувањата за заедничкото минато со Македонија. Тие ја избегнуваат темата за Илинденското востание, вели тој.
Во интервју за БНТ, Димитров вели дека „колегите од Скопје“ не биле подготвени за брзи корекции на минатото.
„Почнавме да се сомневаме дали нашите колеги го разбраа Договорот за добрососедство“, велиДимитров според кој „ самиот договор дава јасно до знаење дека постои заедничка историја и дека анализата мора да биде строго професионална“.
Димитров објасни дека имало заеднички ставови за некои историски личности, но сè уште нема последен збор за белешките во учебниците за Средниот век.
„Очекуваме нашите колеги да преземат поголема одговорност не само како историчари, туку и како граѓани заради политичкиот контекст на нашата работа“, вели Димитров и додава дека колегите од Скопје се голем проблем, бидејќи досега избегнале да разговараат за важни прашања.
Во врска со средбата со претседателот Румен Радев за поддршката на Бугарија за пристапување на Македонија во ЕУ, проф. Димитров истакна дека била важна и неопходна.





