Потпретседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров објасни преку Фејсбук зошто денеска не се појавил на закажаната седница на собраниската Комисија за надворешна политика.
„На два ума бев дали воопшто вреди да објаснувам, но вистината е над сè.
И покрај тоа што поканата од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието ја добив буквално од вчера за денес, мојот кабинет веднаш стапи во контакт и посочи дека би сакал да учествувам во дебатата во било кој формат, но дигитално, со оглед на Ковид-19.
Ни одговорија дека немаат таква можност по Деловникот. Им укажавме дека може да биде и неформална седница или конференција.
Па, разбравме дека наводно немале технички можности (за таква работа замислете треба компјутер).
Во услови кога деновите ми се важни и треба да бидам негативен за да си ја работам работата, немам намера да си го загрозувам моето и здравјето на другите.
Толку околу ‘шокираноста’ што не сум се појавил“, образложи бившиот министер за надворешни работи.
На седницата на Комисијата требаше да се (из)гради државен и национален став за бугарската уцена за стартот на преговорите со Европската унија, но власта ја бојкотираше.






