Копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и поранешен амбасадор на Бугарија во земјава, Ангел Димитров, е песимист пред новиот состанок за историски и образовни прашања што се подготвува за нов состанок идната недела.
Димитров ги обвини македонските историчари дека досега биле „чувари на историските митови”, а сега станале „идеолози на недоразбирањата и антибугарски ставови и однесувања, кои се „крајно неприфатливи“ за Софија.
По четири месеци пауза Мешовитата комисија за историски и образовни прашања ќе одржи нова средба. Извори во комисијата за РСЕ потврдиле дека средбата ќе се одржи на 21 и 22 октомври и како и претходната, што се одржа во јуни, ќе биде онлајн поради пандемијата со коронавирусот.
Инаку, најавената средба ќе се одржи во период во кој првиот круг од локалните избори во Македонија ќе биде завршен, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 14 ноември.





