Поранешниот министер за надворешни работи, а потоа и за европски интеграции, Никола Димитров, остро го искритикува претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, за критиките за договорите со Грција и со Бугарија.



„Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија биле извор на нестабилност и разнебитување. Има само едно прашање како одговор на овие небулози – каде овој став го сместува Коцарев, кога целиот демократски свет за Преспанскиот договор во еден глас извика ‘триумф на дипломатијата’? Од Гутереш, сите европски лидери, Вашингтон, до Папата неодамна“, вели Димитров за „Дојче веле“.

„Се ослободивме од референцата БЈРМ, ја комплетиравме нашата државност и лична карта во ОН, со македонски јазик, влеговме во НАТО ставајќи точка на какви било сомнежи за иднината на нашите граници во, како што гледаме страшно нестабилни геополитички времиња, отворивме нови односи со Грција, добивме политичка одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ. И да, додадовме придавка Северна кон името Македонија, бидејќи тоа е факт – нашата територија е помала од регионот Македонија. Но, јазикот како македонски и ние како Македонци сме факт, црно на бело напишан во самиот документ“, тврди потписникот на Преспанскиот договор.

„Бугарија со ветото и со дел од своите барања го крши Договорот за пријателство, од обврската да ни помага на патот кон ЕУ, преку обврската да не ни се меша во внатрешните работи, како за македонскиот јазик, па со уцената како притисок во работата на комисијата за историски прашања, до барањето за пасивност во Советот на Европа, спротивно на претходно преземените меѓународни обврски експлицитно споменати во членот 14, што говори? Па токму дека Договорот не им се допаѓа таков каков што е. Сакаат подобар договор за нив, односно полош договор за нас. Можно ли e еден академик ова да не го разбира?“, прашува Димитров во елаборацијата на својот став за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.