Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров го оцени како неодговорно објаснувањето од својот наследник Бујар Османи дека, во случај да не бидат усвоени измените на Уставот заради впишување и на Бугарите, ќе заминел возот за Европската унија.
„Прво, мора да сме чесни кон македонските граѓани – во моментов нема воз, дури и шините се поместени. Самиот канцелар Шолц и од поодамна францускиот претседател Макрон велат дека проширувањето е важно, таа работа треба да се тера, меѓутоа не можеме да примиме нови членки додека не го смениме начинот на одлучување во самата унија. Да го напуштиме консензусот и да одиме кон квалификувано мнозинство за некои прашања – надворешната политика, некои фискални прашања итн. Во моментов проблемот на довербата во ЕУ и пристапот на ЕУ кон Балканот е во тоа што нема јасна понуда, нема временска рамка и во таа смисла бледа е наградата. Светлината на крајот од тунелот е пребледа, не ѕирка, не се ни гледа. Така што, неодговорно е да се зборува за воз. Србија и Црна Гора деценија се во процесов, а, суштински, не се понапред од нас по мерките на самата Европска комисија“, изјави Димитров во интервју за „Дневник“ на ТВ Сител.
„Тие ставија сè на една карта – уставните амандмани, а многу тешко е да се најде и првата буква од Европа, или од ЕУ, или од европски, во домашните процеси – видовме што се случува со прилично грдите индиции за корупција, имаме целосно враќање во партизацијата, видовме што се случи вчера во битолската болница. Партизацијата расте, системот ни е во распад, а ние големиот проблем го најдовме во уставните амандмани. Значи, има едно дупло голо тука. Да имавме европско владеење дома, да се тераат реформи, па луѓето да чувствуваат напредок, па имаме лош предлог и ајде да разговараме. А ние имаме назадување од европските стандарди дома и лош договор. Ние знаеме дека на следниот свиок трње и пречки ќе биде Историската комисија“, додаде поранешниот вицепремиер за европски прашања.






