Димитриевски за „Ванчо Михајлов“: Поголема провокација и навреда немало. Молкот е повеќе од срам!

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски им се обрати на Фејсбук на бугарскиот премиер Кирил Петков и на македонскиот државен врв за отворањето на клубот на Бугари именуван по фашистичкиот соработник и квислинг Ванчо Михајлов во Битола.



„Неодамна на работната средба на градоначалници од Македонија и Бугарија во Сандански по повод новата ИПА програма за прекугранична соработка имав можност да му се обратам на премиерот Петков во врска со нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и упатив јасна порака: ‘Братските народи (како што многумина претставници од бугарската политичка елита милуваат да ги нарекуваат македонскиот и бугарскиот народ) не се блокираат, туку се поддржуваат и поткрепуваат’, при што г-дин Петков се согласи со мојот став и рече дека активно со Ковачевски работат за изнаоѓање решение и дека европската иднина на регионот е приоритет за сите.

Вчерашното присуство во Битола на бугарскиот владин врв на отворањето на клубот на Бугарите во Македонија ‘Ванчо Михајлов’ е само уште една од низата провокации кон македонскиот народ и нашата држава Македонија.

Дали г-дин Петков знае кој е Ванчо Михаилов?

Накратко кажано, тој е еден од најголемите негатори на постоењето на македонскиот народ и државност, фашистички соработник и противник на антифашистичката борба на македонскиот народ и на другите сојузнички народи во Втората светска војна и промотор на тезата за Голема Бугарија во која ја присоединува и територијата на денешна (Вардарска Македонија). Ова се лесно проверливи и меѓународно потврдени историски факти.

Поради тоа, му предлагам на премиерот Петков како компромис (отсекогаш страната што ја претставува е мераклија на зборот компромис), доколку толку воздигнуваат еден потврден фашист и колаборационист, нека си го слави и воздигнува Ванчо Михајлов во Бугарија и со тоа само ќе потврди дека добар дел од бугарската политичка елита никогаш се нема откажано од фашистичката идеологија и од фашизмот на нивните предци, кој светот го почувствува на своја кожа пред неполни осумдесет години. Но, притоа повеќе не треба да ги вознемирува тезата дека Македонија била окупирана од бугарски фашистички окупатор во Втората светска војна, а ослободена од македонските и од сојузничките борци и партизани. Нема зошто да им пречат спомениците од НОБ на кои што пишува бугарски, четнички и балистички окупациски и злосторнички сили за кои што изрично бараат да се бришат и менуваат, а поединци во Македонија подлегнаа на тоа и си згазија на сопствената историја и предците наши.

Му предлагам на премиерот Петков да поразговара со доц. др. Иван Сечанов (претседател на Сојузот на ветераните од војните на Бугарија и учесник во НОБ како дел од партизанската бригада ‘Христо Ботев’, потврден антифашист кој има 95 години) да го праша кој е Ванчо Михајлов и дали ваквиот потег е всушност величење на фашизмот?

Г-дин Петков, при нашата куса средба во Сандански во Вас видов млад и образован човек, кој на регионот му мисли и посакува добро, но оставете ја декларативноста, тргнете суштински чекор по чекор по примерот на големиот Вили Брант, извинете се во името на нацијата, осудете го фашизмот и дури тогаш можеме вистински, а и братски, да продолжиме заедно сите од регионот на патот кон ЕУ.

Дотогаш ние како ‘добар сосед’ во Македонија оваа наша, овде ќе си ги славиме Гоце Делчев, и Јане, и Даме, и Карпош, и многу други како столбови и творци на нашата македонска држава и ќе си ги чествуваме и празнуваме хероите од антифашистичката борба и коалиција како пример за непокор на македонскиот народ и како доказ дека во историјата сме биле секогаш на вистинската страна, страната на поробените и онеправдените.

Во оваа пригода сакам да упатам порака и до нашиот премиер Ковачевски најпрвин сериозно да ја преиспита работата на министерот Османи и да ги преземе сите чекори за негово разрешување и веднаш јавно да даде изјава во која ќе ги осуди постапките на бугарскиот државен врв и ќе застане на браникот на македонските национални интереси, што е впрочем негова уставна обврска заедно со претседателот на државата Пендаровски.

ПОГОЛЕМА ПРОВОКАЦИЈА И НАВРЕДА ОД ОВАА НЕМАЛО, МОЛКОТ Е ПОВЕЌЕ ОД СРАМ!“, порачува Димитриевски.