Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во интервју за Сител ТВ ги искритикува условувањата од Бугарија за евроинтеграцијата на Македонија.
„Сите оние барања што беа поставени се воопшто неприфатливи, бидејќи не само за мене, туку, гледам, и за македонската јавност, нема простор за преговори за идентитет. Гоце Делчев, којшто е сржта на постоењето на македонскиот народ во современата, поновата македонска историја, се родил како Македонец, живеел, работел и загинал за Македонија. Впрочем, вечното почивалиште му е тука во Скопје. Видете, многу лесно е некогаш да му се правите силен на послабиот. Бугарската страна го користи активно овој момент да зграби што е можно повеќе“, изјави членот на Централниот одбор на владејачкиот СДСМ.
„Не е целта само да се влезе во Европа. Ние во Европа треба да влеземе само како Македонци, горди Македонци и да станеме, всушност, Европејци. Но, на нашите соседи треба да им биде апсолутно јасно дека од Македонец Бугарин не бидува, не бидува ниту Србин, а уште помалку Грк. Затоа, ќе мора да го прифатат тоа врз база на историските факти за сите како пријатели да продолжиме понатаму“, додаде Димитриевски.
„Ние зборуваме на слични јазици со Бугарите, но не сме ист народ. Ние можеме да разговараме за заеднички моменти во историјата, но во ниту еден момент да разговараме за иста или можеби слична историја. Тие заеднички моменти треба традиционално да ги одбележиме заедно во духот на добрососедството и заедничкото почитување. Така и тргнавме, но чувствувам одвнатре дека секој момент се користи одредена можност за да се апострофира дека македонскиот народ произлегол од бугарскиот, што е неточно и воопшто неприфатливо за нас“, порача кумановскиот „градски татко“.





