Градоначалник Максим Димитриевски и првиот вицепремиер Артан Груби влчего во своевидна „војна“ со обвинувања околу наводни пазарења со екс-премиерот Никола Груевски за мобилизирање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за да ги изгласаат измените на Уставот за вклучување на бугарското малцинство и отворање на патот кон ЕУ.
Димитриевски денеска го запраша Груби за средбите во Будимпешта:
„ Дали е точно дека е одржана средба меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ на која е одлучено да се побара помош од Будимпешта? Дали е точно дека на таа средба е одлучено лице за контакт со Будимпешта да биде г-динот Груби?
Дали е точно дека за помошта од Будимпешта, побарано е закон за “амнестија” (актуелните измени на членовите во КЗ) и обзбедување на дополнителен број на пратеници за уставни измени? За местото на одржување на средбата меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ, и темите на истата, во некоја друга прилика“, му напиша Димитриевски на Груби во објава на Фејсбук.
Груби претходно го обвини Димитриевски дека кај Груевски договорил ВМРО-ДПМНЕ да му ги даде гласовите на локалните избори со кои стана градоначалник на Куманово.
„Максо, не ти личи да лажеш и да се резилиш вака јавно, освен на телевизија, па да продолжиш да лажеш и на Фејсбук а тоа да ти претставува чин за гордеење. Или ова е само за да бидеш интересен 5 секунди и да те има по портали?
Знам дека е поразително, ама јас во Будимпешта не сум бил никогаш во живот и не сум се сретнал никогаш со било кого ниту во Будимпешта ниту во Унгарија.
Ај веќе кога ти пишав, дај кажи им на твоиве на Фејсбук, дали ти во Будимпешта договори ВМРО да ти ги даде гласовите на локалните избори на кои стана градоначалник на Куманово? Ама кажи искрено, немој да лажеш пак!“-му пиша Груби на Димитриевски.
Објавата на Груби следуваше откако Димитриевски во интервју за Канал 5 во средата јавно го праша вицепремиерот во Владата и висок функционер во ДУИ како поминал во Будимпешта и побара „да даде детали на што се должела посетата, доколку е точно?!“.
Извор. Слободен печат






