„Деновиве по победата над Италија социјалните мрежи беа преплавени од објави на политичари, амбасадори и слично, кои им честитаат на фудбалерите со по неколку збора и го ставаат македонското знаме на крајот на нивната објава. Во ваквите објави на политичарите има голема фалинка: во нивните честитки не го споменуваат името на државата. Да кажат дека Македонија победила. Веројатно мислат дека е доволно да се стави само знамето?! Но знамето не може да биде замена за името. Токму името е идентитетот на државата и никој не треба да стравува да го спомене, јасно и гласно.“ – вели Ласте Димитриевски во својот осврт со наслов „Македонска фудбалска пролет“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Димитриевски пишува: „Македонија е европски, па и светски фудбалски ‘хит’, по елиминацијата на ‘големата’ Италија, актуелниот европски првак, во плејофот за настап на Светското првенство (СП) во Катар годинава. Без разлика на исходот од мечот против Португалија вечерва, Македонија е победник во квалификациската и во плејоф-кампањата за Светското првенство. Настапот во завршницата на турнирот би бил ‘дијамантот на круната’, реализација на сонот на сите вљубеници на фудбалот во Македонија.“
„Фудбалот во Македонија сега е ‘топ тема’. Политичарите ‘милуваат’ да се фотографираат со играчите, да им ветуваат големи парични награди, дури и да им делат дипломатски пасоши небаре се извиднички книшки. Но тие во нивните честитки не го споменуваат името Македонија, ставаат само знаме на крајот на објавите. Знамето не може да биде замена за името. Токму името е идентитетот на државата и никој не треба да стравува да го спомене, јасно и гласно. Победија македонските фудбалери и победи Македонија. Зашто играчите не играа за себе туку за својата државата. Ги бранеа боите и достоинството на Македонија.“
„Пред натпреварот со Португалија некои општини организираат и групно следење на натпреварот на поголемите плоштади. Тоа, секако, е за поздравување. Зашто граѓаните најдобро знаат како се сака и како се навива за својата држава и својата репрезентација. Со сите можни реквизити што одат за таа пригода, дресови, знамиња и, секако, бодрење и навивање со изговарање на зборот Македонија. Само напред Македонија.“
Интернет-врска до целиот осврт:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/makedonska-fudbalska-prolet/





