Димитриевски: Нов тип предавници разнебитуваат сè македонско со убаво проткаени зборови и мисли за поубав живот

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ги сподели своите силни впечатоци од посетата на Македонците во Албанија, посебно од нивната борба за зачувување на македонскиот идентитет, а како контрапункт проговори за „новиот тип домашни предавници“.



„На покана на Заедницата на Македонци во Албанија и редакцијата на весникот ‘Преспа’, заедно со македонското друштво ‘Сонце’, денеска присуствував на свечено одбележување на 30-годишнината од излегувањето на првиот македонски весник во Албанија, како и во обиколка на музејот на Стерјо Спасе во село Глобочени.

Во рамките на посетата остварив протоколарна средба и со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, со кој разговаравме за повеќе можности за соработка.

Голема е честа за мене да бидам денеска во Мала Преспа. Ги поздравувам сите наши Македонци, денеска научив многу. Македонија мора да се грижи многу повеќе за своите граѓани вон границите на Македонија и оддавам признание на сите овие луѓе ентузијасти, кои всушност сето ова што го сочувале досега го сочувале врз база на лични ангажмани.

Македонија е должна да помогне, јас како локална власт во најитен можен период ќе изнајдам начин за повисоко ниво на соработка со локалните власти овде и дополнително ќе очекувам одредени идеи што ќе стигнат од нив. Но, она што ќе кажам за Македонците овде, едноставно, сум импресиониран од нивната заложба за зачувување на македонизмот на овие простори и истиот го поздравувам.

Многумина од Македонија можат да учат од нив, бидејќи ние во Македонија денеска имаме една нова форма или еден нов феномен, нов тип на домашни предавници коишто разнебитуваат сè што е македонско, во форма и со убаво проткаени зборови и мисли за поубав живот, а всушност се работи за елементарна злоупотреба на позициите коишто ги имаат и за сочувување на власта, притоа немајќи ниту елементарно чувство за она што значи нација, држава и самобитност“, вели Димитриевски во својата објава на Фејсбук.