Димитриевски МВП против Реал Мадрид (ВИДЕО)

Столе Димитриевски е прогласен за најдобар играч на натпреварот меѓу Реал Мадрид и Рајо Валјекано на „Сантјаго Бернабеу“ од 12. коло во шпанската фудбалска Ла Лига, кој заврши без голови токму поради македонскиот голман.



Чуварот на мрежата на Рајо и на репрезентацијата на Македонија спречи водство на „кралевите“ уште во 5. минута, кога го одбрани ударот на Федерико Валверде од непосредна близина, а во 39. минута ја одби топката над голот по ударот под пречката на Хоселу. Мечот го заврши со 5 успешни интервенции, од кои четири по упатени удари одвнатре во шеснаесетникот.

Со вкупно 47 одбрани во досегашниот тек од сезоната, Димитриевски се искачи на третото место меѓу голманите во Ла Лига. Пред него се само Данецот Јоргенсен од Вилјареал со 54 и Аргентинецот Конан од Кадиз со 48.