
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски информира дека т.н. музеј на УЧК во селото Сопот е дивоградба.
Вели дека објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.
„Истиот е изграден на државно земјоделско земјиште, коешто во имотниот лист број 117 од катастарска општина Сопот, се води на парцела 963. Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или пак сопственик на објектот. Истиот записник денеска е истакнат на огласна табла“, вели Димитриевски.
Најавува дека ќе биде доставена и пријава до полиција.
„Во рок од три дена додека трае постапката паралелно ќе доставиме пријава и до полиција да се открие НН сторителот на ова кривично дело и веднаш по затворање на записникот и истекот на рокот ќе биде процесуирана кривична пријава против сторителот, во овој случај НН лице. Но, дополнително добив информации и од Секторот за урбанизам дека за оваа предметна парцела исто така е поднесено барање во 2018 година за легализација од страна на физичко лице и сите тие документи ќе ги доставиме како предмет на идната истрага“, вели Димитриевски.

Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека објектот бил изграден на приватно земјиште, Димитриевски вели дека службите треба подобро да го информираат.
Вели дека полицијата треба да го штити уставниот поредок на државата и кога некој поттикнува меѓуверска, меѓуетничка, меѓунационална конфронтација да го санкционира истото.
фото Фејсбук/Максим Димитриевски





