Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, го оценува како промоција на фашизмот отворањето клубови на Бугарите од Македонија со имиња на соработници на Адолф Хитлер во Втората светска војна.
„Македонија во последните години е на удар на провокациите од Бугарија, која континуирано се обидува да ги негира постоењето на македонскиот јазик, историја, идентитет и култура. За време на Втората светска војна, Македонија во антифашистичкиот сојуз, предводена од партизанските единици со Јосип Броз Тито на чело, ги даде својот придонес и жртва за победата над фашизмот. Мојот град во таа борба даде повеќе од 850 жртви, додека тогашната влада во Бугарија беше во коалиција со нацистичка Германија и беше окупатор во Македонија.
За жал, со отворањето на т.н. бугарски клубови во Македонија кои ги носат имињата на партнерите и соработниците на Хитлер, денес фашизмот навистина се промовира и се реинкарнира на мала врата. Тоа е последица на слабата, бавна и неразбирлива институционална реакција на нашата влада. Отворањето на овие бугарски клубови го сметам за своевидна провокација и назаден чекор во нормализацијата на односите меѓу двете земји. Државата мора да најде начин да ги затвори овие клубови и со тоа да испрати јасен сигнал дека никогаш нема да има ни најмал микроб на фашизмот во Македонија, кој се потсмева на страдањата во нацистичките логори, каде што се вршени брутално мачење и масовни убиства на сите оние кои беа противници на фашизмоти на првите линии на отпорот“, изјави Димитриевски во интервју за српскиот весник „Политика“.
Градскиот „татко“ на градот-херој го коментира и молкот на Европската унија во овој поглед.
„Сигурен сум дека формирањето клубови (здруженија на граѓани) со имиња на истакнати фашистички партнери и соработници во која било земја-членка на ЕУ би предизвикало силна осуда и реакција на тоа. Замислете во Полска да се отвори здружение на граѓани со име ‘Адолф Хитлер’ или во Албанија да се отвори здружение на граѓани со име ‘Бенито Мусолини’. Тоа во моментов се случува во Македонија. Цар Борис Трети и Ванчо Михаилов биле дел од Тројниот пакт на нацистичка Германија и директни соработници на Хитлер, дел од фашистичката коалиција, а по наредба на тогашните бугарски власти над 7.000 македонски Евреи биле депортирани во злогласниот концентрационен логор ‘Треблинка’.
Мислам дека нашите европски пријатели и сојузници не се доволно запознаени со суштината на проблемите што се појавија, затоа овде ја гледам како слабост неспособноста на Владата, особено на Министерството за надворешни работи, кое нема капацитет доволно добро да претстави што се случува во Македонија и всушност вистината ја ставија под тепих. Се надевам дека Македонија ќе најде начин да им пренесе на европските амбасадори во Македонија каква тежина има формирањето вакви клубови и каков револт и гнев предизвикува кај граѓаните. Сите заедно се залагаме за почитување на европските вредности, а тоа се правото на сопствен идентитет, на сопствен јазик и на сопствена историја“, нагласи Димитриевски.






