Димитриеска – Кочоска откри зошто се укинува прогресивниот данок

Гордана Димитриеска Кочоска магистер по економски науки и аналитичар во областа на даноците објаснува зошто владата се откажа од својот даночен модел и го врати моделот на оданочување воведен од ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година.



“Читам бурни реакции од сите страни во однос на новините кои ги најави министерката за финансии.

Тевдоски има право да реагира бидејќи одбраната на министерката дека прогресивниот данок не дал ефект е тотална лажга што може да се види и од реализацијата на буџетот за 2019 во однос на 2018 (јануари-септември).

Од ова произлегуваат две прашања:

1. Зошто лаже министерката дека нема ефект, и што е позадината на ваквата одлука? Зошто во исто време носи одлука за рамен данок и одложување на данокот на капитални добивки и депозити? Која целна група се штити со ваквите одлуки?

2. Зошто Тевдоски донесе таков лош закон со прогресивно оданочување каде на ниеден начин не помогна на посиромашниот дел од населението?

А ако добро разбрав целта беше да се земе од богатиот и да му се даде на посиромашниот. Ефектот на рамноправност не го постигнаа и за тоа министерката е во право а Тевдоски сега се “пере”.

И така драги мои додека вие цел ден се расправате кој бил во право дали ВМРО или СДСМ суштината си отиде.

А таа е следна: Исплата на дивиденда се оданочува со повисока стапка односно доаѓа завршна сметка после која ќе следат исплатите. Логично е да си ја намалат стапката на данок. Понатаму ќе имаме избори кои може да повлечат продажби на хартии од вредност удели и сл 🙂 кои фино лепо ги одложија за оданочување. Депозитите во банка исто така нема да се даночат. И така одредена целна група си ја искористи својата моќ да си го заштити својот имот.
И за крај само да знаете дека тој пораст во буџетот од данокот на личен доход е најмногу од потта на оние чесни граѓани кои не направиле никаков прекршок ниту пак знаат како да изманипулираат со јавните давачки. Е од нивниот чесен однос кон државата која ги зафркава секоја втора година има пораст на овој приход за 27 милиони евра.

Во следниот период чекајте и крах на мој ДДВ. Тоа ќе биде врвот на сите будалаштини кои се воведоа без притоа да размислат како тоа практично ќе се спроведува”, објаснува Димитриеска – Кочоска.