По најавата од банките дека секое лице што ќе отиде во банка и ќе донесе од дома повеќе од 15.000 евра за граѓанска обврзница нема да има обврска да донесе документ за потекло на своите пари, се отвора сомнеж дека намерата е да се исперат црните пари на пазарот.
На ова укажува некогашната заменик-министерка за финансии, и истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „Република“.
„Ова јасно покажува дека сакаат да ги исперат црните пари. Притоа многу ни е јасно каде има црни пари“ – вели Димитриеска-Кочоска.
Вели дека не очекува дека во Свети Николе, Берово или Делчево ќе најдеме црни пари, но дека во некои други делови ќе најдеме.
„Со ова ги ставаат во нерамноправна положба тие што ќе ги донесат црните пари над 15.000 евра и кои нема да ги прашате од каде им се со тие што ќе ги прашате од каде им се затоа што ќе ги вложат парите како депозит во банка и нема да купат граѓанска обврзница.
Само за граѓанска обврзница нема да имаат обврска да објаснуваат од каде им се, за се друго имаат. Тој што има црни пари дома значи дека има пари, нашите граѓани немаат.
Димитриеска-Кочоска вели дека граѓаните во Македонија живеат од кредити, не од депозити, според неа нема пари под перница, едвај се прехрануваат од месец до месец и ваквата одлука во суштина само штетно влијае на најголемиот процент на граѓаните.
– Не може ние да се фокусираме и да ја гледаме онаа мала група на луѓе кои што имаат. СДСМ кога доаѓаше на власт една од приказните што ја продаваше беше „праведност и рамноправност“ – ќе земеме од богатите а ќе дадеме на сиромашните. Сега во пракса гледаме дека се зема од сиромашните, а сите привилегии ги уживаат богатите – потенцираше таа.
Димитриеска-Кочоска предупредува дека најавата дека за граѓанската обврзница ќе се дава повисока камата, ќе ги натера оние кои имаат депозити во банка да го насочат кон купување обврзници, што пак ќе ги натера банките да се изборат своите депозити да не им се одлеваат со нудење повисоки камати, а пак тоа повторно ќе ги качи каматите на кредитите…







