Димитриеска-Кочоска до Филипче: Ја оплескавте!

„Го гледам Венко Филипче како својата неспособност да се справи со кризата ја крие со мене, со оправдување дека моето блокирање на кредитот довело до оваа ситуација и тоа три месеци откако јас не сум во Владата и девет месеци откако знаеше дека ќе има есенски бран“ – реагира на Фејсбук заменик-министерката за финасии во претходната техничка влада, Гордана Димитриеска-Кочоска на обвиненијата од Филипче.



Министерот, имено, обвини дека Димитриеска-Кочоска, заменик министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со месеци го одолговлекувала и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска Банка за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19.

„Неспособен министер за смрт, многу добро сте запознаен со Законот за Влада на Република Македонија којшто кажува дека во случај кога има несогласување помеѓу министерот и техничкиот заменик министер се бара мислење од ДИК.

Тука ја приложив и одлука на ДИК па народот нека види дека МОЈОТ ПОТПИС, по закон НЕ Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН.

А вие одговорете зошто ВАШАТА министерка и покрај тоа што имаше право, а и време да го потпише кредитот, го одби и не го потпиша.

Мислев дека еден универзитетски професор, неврохирург ќе има барем малку достоинство и ќе престане да се крие зад мене, а ќе се бори со најголемиот предизвик којшто го имаме денес. Ама, после овие неколку месеци се разочарав тотално од вас, не како министер (одамна се имам разочарано) ама и како проефесионалец кој својата неспособност ја префрла врз некој којшто врска нема со целата оваа ситуација.

Министер кој е професионалец ќе искористеше до сега од таа 1,1 милјарда евра кои ги потпишав за да се бори против короната. Ама како што кажав, способен и квалитетен професионалец. Вие не сте ни едното ни другото.

И сега немате некој нов Наќе или Гордана да биде изговор за вашата неспособност.Со други зборови ја оплескавте. И не ќе беше тоа толку страшно доколку таа ваша неспособност денес не се плаќаше со животите на луѓето кои се губат катадневно, а одат на вашата нечиста совест.

Ако имате грам морал, како што сум убедена дека немате, наместо да ситните статуси за Гордана земете пенкало и напишете си ја вашата оставка. Што побрзо тоа подобро. Што поскоро, тоа повеќе луѓе ќе се спасат од вашата неспособност“.