Државната изборна комисија објави дека ВМРО-ДПМНЕ доби уште еден, петти градоначалник во скопските општини, откако Александар Стојкоски победи во првиот круг во Ѓорче Петров.
Со него најголемата опозициска партија поведе со 5:0 против СДСМ во главниот град и со 22:9 во државата на градоначалничките избори.
Пред Ѓорче Петров, вмровски градоначалници уште по првиот круг добија и Аеродром (Тимчо Муцунски), Гази Баба (Бобан Стефковски), Кисела Вода (Орце Ѓорѓиевски) и Бутел (Дарко Костовски).
Блерим Беџети од ДУИ е реизбран во Сарај, а втор круг ќе има во Карпош, Центар, Чаир и Шуто Оризари, како и во Град Скопје, каде што независната кандидатка Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ доби 7.921 глас повеќе од актуелниот градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов.
Покрај во Сарај, интегративците добија градоначалници во Липково и во Пласница.
Во сите други општини ќе има втор круг.
Конечните резултати од првиот круг ќе бидат познати по истекот на роковите за жалби.






