ДИК: Изборниот список треба да се преработи

Државната изборна комисија смета дека Избирачкиот список мора да се преработи во согласност со технологијата за негова обработка, која е опишана во Законот и со точно пропишани рокови.



Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) изградиле единствено мислење во врска со продолжување на изборниот процес кое денеска треба да биде доставено до претседателот на државата Стево Пендаровски.

Според информациите од ДИК за МИА, членовите на Комисијата се состанале вчера по средбата со шефот на државата, и се согласиле дека сите одлуки што треба да се носат во врска со предвремените избори и продолжување на изборниот процес во контекст на мерките за коронавирусот треба да бидат согласно Изборниот законик и постоечките закони.

Лидерите на политичките партии на лидеррската средба пред два дена се договорија преку шефот на државата да биде обезбедено мислење за продолжувањето на изборниот процес што би помогнало за одредување датум за одржување на парламентарните избори.

На средбата Владата беше задолжена да добие мислење и од Комисијата за заразни болести и од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кога би можеле да допатуваат во земјата и да се организираат за набљудување на изборите.