Претседателот на ДИК Оливер Деркоски изјави дека без претседателот на Собранието, Талат Џафери, да распише избори, нема да продолжи со изборните дејствија и нема да свика седница на државната изборна комисија иако веќе имал 4 барања за тоа.
Се огласи денеска и спикерот Џафери кој рече дека ги чека партиите да постигнат консезус за изборниот термин, по што, како што вели, ќе ја исполни својата законска обрска.
Во куса изјава за „360 степени“, Џафери посочува дека тој ги распишал изборите на 12 април, врз основа на консензусот што го постигнале партиите за избори на тој датум и за распуштање на Собранието на 16 февруари.
„Се знае според Уставот кој распишува избори. Јас како претседател на парламентот ги распишав изборите на 12 април, кога ме информираа дека има консензус. Нека постигнат консензус и ќе ја исполнам својата уставна обврска“, вели Џафери.
Претходно, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, рече дека нема причина за закажување на седница на ДИК заради фактот, што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието Талат Џафери да донесе решение со нов датум за избори.
За МИА тој изјави дека ниту кажал дека денеска ќе свика седница, ниту, пак, планира да го направи тоа додека не добие решение од претседателот на Собранието.
„Без да го добиеме тоа решение не гледам причина за седница. Тоа е според Изборниот законик. Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба“, изјави Дерковски.






