Дијаспората ги прекинува врските со Агенцијата за иселеништво

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) со индигнација го отфрла изборот на Слободан Близнаковски, член на ВМРО-Народна партија, за директор на Агенцијата за иселеништво со одлука донесена на 18-та седница на Владата одржана на 9 ноември 2020 година, за кого Македонците се Бугари, а тој се чувствува како Бугарин од Македонија.



Истовремено, СМК со индигнација го отфрла изборот на Измит Нура, член на ДУИ, заменик директор на Агенцијата за иселеништво со одлука донесена на 14-та седница на Владата одржана на 22 октомври 2020 година, поранешен командант на ОНА и косовски државјанин, поради скандалозното барање до вработените во Агенцијата за иселеништво да ги “тргнат од канцелариите на Агенцијата сите национални и верски артефакти“, што предизвика гнев и кај вработените во Агенцијата за иселеништво.

“Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, ги прекинуваат врските со Агенцијата за иселеништво на неопределено време, поради антимакедонските определби на избраните лица кои ја раководат оваа институција на власта во државата Македонија!

Човек кој се смета за Бугарин, не може во името на државата Македонија да ги одржува врските со Македонците по род во светот!

Човек кој се борел против државата Македонија, не може да ги одржува врските со Македонците по род во светот!”, е ставот на СМК.

“Македонците во светот сметаат дека Владата на Зоран Заев со изборот на Слободан Близнаковски за директор на Агенцијата за иселеништво за кого Македонците се Бугари според мислењата на Красимир Каракачанов од соседна Бугарија, и на Измит Нура за заменик директор на Агенцијата за иселеништво, ги продолжува антимакедонските политики кон Македонците во соседните земји на државата Македонија и во светот!”, се вели во соопштението.