Сојузот на здруженија на дијабетичари објави дека не можат да купат инсулинска терапија. Иако таа е достапна, проблемот е техничи, и веќе трет месец пациенти надвор од Скопје не можат да дојдат до потребната терапија, велат од Сојузот. Според нив, некои од инсулините во системот „Мој Термин“ се внесени со двојни шифри, поради што инсулинот го има во аптеките, но не може да се купи оти шифрите не се достапни во системот.
„ Со исклучок на пациентите од Скопје, сите останати веќе трет месец се без терапијата ‘виктоза’. Тоа значи дека на овие пациенти здравствената состојба им се влошува или се принудени да го набавуваат лекот како знаат и умеат“, рече претседателот на Сојузот на дијабетичари Димче Велев .
Откако Сојузот на дијабетичари јавно ќе се обрати до Министерството за здравство и до Мој термин, со барање да се решат проблемите со недостапноста на инсулини, ленти, игли и друга дијабетична терапија, Министерството за здравство преку соопштение велат нема никаков проблем со инсулинската терапија.
-Пациентите не се оставени без инсулин, во сите инсулински аптеки во државата има инсулин и истиот им е достапен на пациентите. Изминатиов период поради промена во софтверот за нов вид на инсулински продукти – игли Тип1 и Тип2, како и апаратчињата за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерира, не се издаваа истите. Напоменуваме дека нема никаков проблем во количините на иглите, лентите и апаратите за мерење инсулин, туку во делот на евидентирањето, проблем што веќе се надминува и од вторник, кога ќе бидат отворени инсулинските аптеки, истите инсулински продукти ќе им бидат достапни на пациентите.Од почетокот на пандемијата до денес Министерството за здравство се погрижи во секое време терапијата за пациентите со дијабет да биде навремено доставена до сите инсулински аптеки низ државата иако имаше недостаток низ цела Европа поради енормната потрошувачка. Влијанието на пандемијата во однос на тековните набавки е одамна надминато, а потребните количини се доставуваат во континуитет, редовно и регуларно на територија на цела држава.






