По „Њујорк тајмс“, и германскиот весник „Ди Цајт“,објави своја верзија за околностите на експлозиите на гасоводот „Северен тек“.
„Кој ги напаѓа гасоводите „Северен тек“? Инспекторите молчат, а политичарите се чувствуваат неинформирани“, пишува германското издание, кое не исклучува операција за лажно знаме за фрлање сомнеж на Украина.



Според Цајт, германските истражители веќе во септември откриле јахта која се претпоставувала дека била користена во тајна операција. Јахтата била изнајмена од полска компанија, а на бродот биле пронајдени траги од експлозив.

Според германското издание, екипажот, составен од шест члена, нуркачи и лекар, доставил и поставил експлозив на дното на Балтичкото Море, кој бил користен за саботажа на гасоводот.

Иако изнајмувачот на бродот е наведен како украински државјанин, лицето кое стои зад саботажата останува непознато.

Михаило Подољак, советник на шефот на украинскиот претседателски кабинет, како реакција на објавувањето на „Њујорк Тајмс“ напиша дека Украина не била вмешана во несреќата на гасоводот.
Според неговата објава на Твитер, Киев нема никаква врска со несреќата и нема информации за „проукраински диверзантски групи“.

Њујорк Тајмс пишува дека „секоја сугестија за вмешаност на Украина, без разлика дали е директна или индиректна, може да ги наруши деликатните односи меѓу Украина и Германија, влошувајќи ја поддршката кај германската јавност, која ги проголта високите цени на енергијата во име на солидарноста“.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска (8.03) предупреди да не се избрзува со обвинувања во врска со медиумскиот извештај кој вели дека новите разузнавачки информации кои ги разгледувале американски претставници укажуваат дека про-украинска група ги извела минатогодишните напади на гасоводот Северен тек.

„Може да се работи и за добро инсценирана операција под лажно знаме за да се обвини Украина“, оценува Писториус во интервју за Дојчландфунк и додава: „Веројатноста за едното или за другото е еднакво голема.“

Да потсетуиме, во рок од неколку часа на 26 септември беа откриени три истекувања во Северен тек 1 и Северен тек 2.

Првото беше откриено на Северен тек 2 во близина на данскиот остров Борнхолм. Потоа беа откриени две протекувања на „Северен тек“. Данската агенција за енергетика извести дека големо количество гас влегло во морето.

Шведските сеизмолози подоцна објавија дека снимиле две експлозии долж трасите на гасоводот.

Неколку дена подоцна, шведската крајбрежна стража открила четврто истекување во објектите.

И Шведска и Данска, кои истражуваа, заклучија дека четирите истекувања на Северен тек 1 и 2 биле предизвикани од експлозии. Сепак, тие не прецизираа кој би можел да биде одговорен за несреќата.

Соединетите држави и НАТО ги нарекоа нападите на гасоводот во септември 2022 година како „чин на саботажа“.

Од своја страна, Москва го обвини Западот и го повика Советот за безбедност на ОН да спроведе независна истрага. Ниту една страна не обезбеди докази за нивните тврдења.

Во февруари, американскиот истражувачки новинар и репортер, добитник на Пулицерова награда, Сејмур Херш, објави дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден стои зад операцијата. Москва и официјалните руски медиуми со задоволство ја подигнаа тезата на Хиршер и повторно ја изложија како доказ.