Девлин: Миовски е најдобриот напаѓач во Шкотска

По мајсторијата на Бојан Миовски и против Ренџерс во Глазгов во вторникот, кога го израмни резултатот на истекот од првото полувреме, неговиот соиграч Ник Девлин зборуваше во суперлативи за фудбалскиот репрезентативец на Македонија, посочувајќи го како најдобар напаѓач во Шкотска.



„Тој, очигледно, е главниот човек во нашиот тим“, изјави десниот бек за „Дејли рекорд“. „Успеа да се наметне во таква улога оваа сезона. Мислам дека навистина не создадовме премногу шанси за него против Ренџерс. Од тоа малку, сепак, најде начин да постигне гол и да нè врати во игра. Тој е многу важен за нас. И претходно кажав дека тој е најдобриот играч во лигата на својата позиција. Бојан беше одличен за нас сезонава, во која веќе даде 20 гола. Ако успее да постигне уште 10, сигурен сум дека ќе оствариме добар пласман на табелата“.

Голот на 24-годишниот штипјанец на „Ајброкс“ беше 13. за него во шкотскиот Премиершип и со него се зацврсти на второто место на листата на стрелците, на која води Шкотланѓанецот Лоренс Шанкланд од Хартс со 17.

Покрај во најсилната конкуренција во Шкотска, Миовски погодуваше по два пати во квалификациите за Лига Европа, во Конференциската лига на УЕФА и во шкотскиот Лига куп, а еднаш реализира во Купот на Шкотска, во кој Абердин попладнево од 16 часот ќе го пречека четвртолигашот Бонириг роуз во осминафиналето.