Денеска се навршуваат 19 години од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.



Вториот претседател на независна Македонија Борис Трајковски ја вршеше функцијата од 15 декември1999 година до 26 февруари 2004 година.

Во Бутел во Скопје на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, како и делегација на кабинетот на Претседателот на Северна Македонија предводена од претседателот Стево Пендаровски.

Исто така, во Бутел цвеќе ќе положи и делегацијата на Владата на Република Северна Македонија составена од Славица Грковска, заменик претседател на Владата, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт. Потоа, делегација на АРМ предводена од Генерал мајор Азим Нуредини, заменик началник на Генералштаб, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

На градските гробишта во Бутел цвеќе ќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, во состав Снежана Калеска-Ванчева и Тони Јаревски.

Во Струмица на споменикот на поранешниот претседател, Борис Трајковски ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегација од Владата предводена од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и директорот на Бирото за јавни набавки Борче Хаџиев.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи авионската несреќа, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе владина делегација во состав од Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи, како и претставници од кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски.