Дескоски: Ни се потсмеваа кога ја добивме Грција на суд ама сега нивниот камен на нивна глава падна

Професорот по меѓународно право Тони Дескоски реагира по изјавите на осуда за руското признавање на украинските области Доњецк и Луганск како независни држави.



„Со голема горчина ги примам актуелните изјави на нашите сојузници за кршење на меѓународното право од страна на Русија. Ми иде на ум народната поговорка: со свој камен по глава. Истите овие ликови ни се потсмеваа во лице откако на Суд докажавме дека Грција ја крши Времената спогодба спрема нас“, пишува тој.

Додава дека не го одобрува потегот на Русија, но неконзистентноста се плаќа, изненадувачки брзо.

„А од вчера натаму, животите на сите нас ќе ни се влошат. Барем за некое време. Се плашам дека ова ќе биде долг и исцрпувачки судир, во кој никој нема да има корист“, напиша на својот фејсбук-профил универзитетскиот професор Дескоски кој беше дел од тимот што ја застапуваше Македонија кога пред Меѓународниот суд во Хаг го добивме спорот против Грција за нарушување на Времената спогодба.