Македонската заедница во Германија положи цвеќе на гробот на првиот германски амбасадор во независна Македонија, д-р Ханс Лотар Штепан, на десетгодишнината од неговата смрт.
Користејќи документи од Политичкиот архив на Министерството за надворешни работи на Германија, тој во својата книга „Македонскиот јазол“, објавена на германски, англиски и македонски јазик, ги разобличува негаторските и асимилаторски политики на соседните земји на Македонија.
„Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија“, ќе рече во едно интервју германскиот борец за македонската кауза, кој со своите ставови ѝ беше трн во окото на Грција.
„Убеден сум дека сите историчари се согласуваат дека ако сакате да ја сфатите денешната политичка ситуација, морате да навлезете во историјата. Оваа историја го докажа она што јас го проверив, на пример, дека Грција пред 1912-1913 никогаш не ја поседувала македонската територија. Ни во античко, ни во римско време, ниту во словенско време, ни за време на Отоманската империја. Само по прекршувањето на меѓународниот закон во 1912-’13-тата за време на Балканските војни, заедно со Бугарија, Србија и Црна Гора. Тие ги окупирале и ги припоиле Македонија, Тракија и Епир. Во основа, Грција ја украла македонската територија, зашто ова било против меѓународниот закон. Оваа историска врска е целосно независна од правото на Македонија за самоопределување. Сите народи во светот го имаат тоа право, така и Македонија може сама да решава за својот идентитет, за своето име. Никој не треба да се меша“, велеше големиот пријател на Македонија и на Македонците.





