На денешен ден 1903 година во Крушево влегол Штабот на крушевските востаници кој бил свечено дочекан од народот. Началникот на Штабот, Никола Kарев одржал револуционерен говор пред народот и ја прогласил првата македонска народна република, по што го повикал народот да избере привремена влада. Владата била формирана со учество на сите народносни групи во градот.
Никола Карев застанал на чело на Крушевскиот револуционерен комитет во јануари 1903 година. Добро познавајќи ја состојбата во својот реон, во мај истата година, на Смилевскиот конгрес, тој решително се спротивставувал на солунското решение за кревање востание, посочувајќи дека не се создадени сите објективни предуслови за негов успех, како и поради недоволната вооруженост и подготвеност на сите револуционерни реони.
Иако бил противник на предвреме донесената одлука за востание во Солун, по дефинитивното решение на Конгресот во Смилево за кревање востание во Битолскиот округ, Карев ги вложил сите свои револуционерни и умствени способности за успешно изведување на востанието во својот реон. За време на подготовките редовно го обиколувал реонот, а по завршување на активностите во градот Карев во јуни се повлекол во илегала и раководел со подготовките за востанието од Горскиот штаб. Главна цел на неговиот Штаб била освојување на градот Крушево.
Извршувајќи ги сите подготовки за успешно заземање на градот, пред да започне нападот Штабот на Карев издал специјален проглас со кој го објавил востанието и со кој го повикал народот на востание. Потоа според одлуката и планот, ноќта на 2 август, со околу 750 востаници Карев го започнал нападот врз градот. Концентрирајќи ги своите напори врз клучните објекти како општината, поштата и други важни згради, востаниците се сретнале со посебно жесток отпор при нападот на касарната, во која се наоѓале 60 војници. На 3 август градот бил ослободен од турската власт, а во него се настанил Штабот на крушевските востаници.
На 4 август во Крушево влегло Горското началство кое било свечено пречекано од граѓаните. Горското началство или Штабот, уште на самиот почетокот на востанието било проширено со тројца крушевски раководители: Антигон Хаџов, Тодор Павлов и Глигор Божинов, седиштето на Штабот се наоѓало на Гумења. По ослободувањето на Крушево, началството имало две големи основни и крупни задачи: одбрана на слободната востаничка територија и формирање на нова власт.
Штабот, уште пред да се симне во градот, им наредил на првенците од етничките средини во Крушево да достават список на лица кои карактеризирале со чесност и достоинство, без разлика на нивниот социјален статус. Тие требало да се соберат во новата зграда на патријаршиското училиште, а по нивното пристигање, на патријаршиската зграда да се развее црвено знаме – како симбол на слободата што се родила. Истиот ден кога Штабот влегол во градот, било свикано собрание, составено од 60 поистакнати граѓани, по 20 од секоја народност. Во Собранието Никола Карев најпрво им ја честитал слободата на граѓаните, а потоа одржал говор во кој истакнал:
„За човекот нема поголемо богатство и од правото спокојно да работи и да создава. А за да располагаме со таа виша човечка придобивка, Штабот е на мислење дека ние, крушевчаните, кои на Илинден оваа година јавно ги поставивме основите на нашето народно единство – факт што сам по себе говори дека ние сме културни и сознателни чеда на Македонија, што се отргнавме од заблудите со кои ни ги оковаа мозоците… станавме причина слично обединување да се постигне насекаде во нашата Татковина и да дадеме пример на вистинско народно управување, во кое да бидат еднакво застапени правата и задолженијата на сите вери и народности.“
По говорот, Карев и штабот ја напуштиле зградата на собранието за самото тоа да одлучи за видот на управата и да избере лица за новата извршна власт. Најпрво собранието избрало Биро во состав: претседател Теохар Нешков и секретар – Ѓорѓи Чаче. Бирото предложил дневен ред, кој бил прифатен, а тој гласел;
1. Објавување на Собранието во Основачко народно собрание
2. Определување каков вида да биде управата
3. Определување на лица за Привремен извршен совет
Првата точка била прифатена без дискусии. За втората точка се воделе дискусии, а за збор се пријавиле: Наум Велјанов, Ѓорѓи Чаче и Никола Баљу. Во дискусијата која се водела, станало збор за монархистичкото и републиканското уредување во поодделни држави, се дале оценки за таквите уредувања. По дискусијата, Собранието едногласно одлучило новата управа да биде републиканска. По третата точка исто така имало дискусија. Михаил Зиси предложил наместо Привремено извршно тело да се назначи една комисија која требало да управува со градот. Наум Велјанов истакнал дека создавањето на комисијата не би била адекватна на потребите, бидејќи власта што треба да биде создадена нема да биде само градска туку и околиска.
По завршувањето на дискусијата била донесени следните решенија:
1. До завршувањето на Ослободителната борба на востанатиот народ, раководена од Штабот на востаниците, кој е законски избран на еден конгрес (Смилевскиот), никаков друг институт или установа не треба да се меша во функцијата на тој штаб, туку обратно, сите установи и институции треба да бидат во полна услуга на Штабот.
2. Времено, до нормализацијата на положбата, на чело со новоформираната власт ќе биде Штабот, на кој му помага Реонскиот револуционерен комитет, Војводскиот совет и Привремениот извршен совет.
3. Функциите на одделните сектори да се определат од Штабот на востаниците, во согласност со Времениот извршен совет.
4. Изборот на лица за Времениот извршен совет да се изврши преку тајно и слободно гласање.
За членови на Времениот извршен совет биле избрани: Дину Вангел, Николаки Баљу, Ѓорѓи Чаче, Теохар Нешков, Димитар Секулов и Христо Ќурчиев.
По кратко советување се реши да се создаде привремена влада и за таа цел беа избрани 6 души – претставници на трите големи народности во градот… Задачата на Привремената влада беше следнава: да ги оданочи граѓаните со привремен налог, да собира по реквизициски пат храна за исхрана на востаниците и населението во градот и околијата, да реквирира материјали за облека и опинци за востаниците и за милитаризираните граѓани, како и материјали за нивното вооружување, да се грижи за ранетите и разболените востаници, граѓани и селани, да казнува провинети граѓани, да чува ред и мир во градот и слично.
Привремената влада заседавала во грчкото централно училиште… Над неа се развивало црвено-крвавото знаме на Револуцијата.
Целиот текст на следниот линк:
https://plusinfo.mk/karev-im-a-chestital-slobodata-na-gra-anite-go-povikal-narodot-da-izbere-privremena-vlada/





