Денеска 12 часот нови детали за аферата „Тајни имоти“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ од каде објавија дека имаат информации дека „123 функционери од власта кријат имот од 30 милиони евра со месеци, а дел од нив со години и институциите не реагираат“.



Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека даваат рок од 24 часа институциите сами да ги објават имиња, во спротивно од денеска ќе почнат поединечно да ги објавуваат заедно со имотот кој го кријат.

„Откако ќе ги објавиме ќе побараме и проверка на потеклото на имот, зошто тајниот имот е таен поради одредени причини, а најголемата е дека истиот би можел да е нелегално стекнат“ рече на вчерашната прес конференција Бране Петрушевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не може да биде системски пропуст кога 123 лица немаат пријавено имот, може да биде само системско криење.

ДКСК наместо да чека поднесок, треба да почне да си ја работи работата. Антикорупциска, но и другите институции треба да почнат да постапуваат, велат од паријата.

Законите се јасни, но очигледно со СДС на власт, тие не важат за нивните функционерим, велат од ВМРО-ДПМНЕ според која „функционерите од власта и ДКСК имаа време да се пријават или отворат постапки.

Но, наместо извинување кон граѓаните и оставки тие молчат.

Затоа денес во 12 часот ВМРО-ДПМНЕ продолжува со изнесување на нови детали од аферата „Тајни имоти“, се вели во соопштението.

За аферата „Тајни имоти“ за која обвинува ВМРО-ДПМНЕ, претседателката на Антикорупциска објаснува дека доколку има такви лица, она што може ДКСК да го направи е да изрече глоба доколку функционери имаат имот регистриран во Катастар, а не го пријавиле во анкетниот лист.

Но, во случај да имаат имот кој не е заведен на нивно име во Катастар, тогаш тука има проблем: „Ако имотот не е регистриран во Катастар, тука е проблемот на кој ние постојано укажуваме дека има висок ризик од корупција и три години бараме да се донесе Законот за потекло на имот. Кога секој граѓанин ќе си каже од каде е имот, полесно ќе биде да се утврди состојбата“, вели претседателката на ДКСК во разговор за „360 степени“..