Денеска избор на старо-новиот претседател на Собранието

Според договорот меѓу СДСМ и ДУИ за владина коалиција и за парламентарно мнозинство, претседател и на новиот собраниски состав ќе биде Талат Џафери, кој и досега беше на оваа функција.



Досегашниот спикер, се очекува денеска да свика продолжение на конститутивната седница на која би требало да биде ре-избран за претседател на законодавниот дом.

Изборот на Џафери за денеска го најави лидерот на ДУИ Али Ахмети по синоќешниот состанок на Централниот совет на партијата на кој беше потврден коалицискиот договор со СДСМ и беа објавени имињата на кандидатите за министри во новата влада.

Претседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници – гласови кои сигурно ќе ги обезбеди новото парламентарно мнозинство СДСМ-Беса-ДУИ и ДПА.