Изменет е режимот за влез и за државјаните на Македонија во Бугарија кој ќе стартува задутре, на 19-ти јануари, поради влошената епидемиолошка ситуација во Република Бугарија и во Европа, одлучи бугарското Министерство за здравство
Се ограничува влезот за сите „несуштински“ патувања во соседната земја (во исклучоците спаѓаат медицински лица, хуманитарни работници, студенти, лица со регулиран престој, делегации и слично), предвидува одлуката на бугарските здравствени власти.
„До стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените неесенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа“, реагираше Министерствто за надворешни работи на Македонија.
„Ги предупредуваме граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи за да не се доведат во ситуација да бидат вратени од пограничните власти во Бугарија“, нагласува МНР.







