Светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот, а во ЕУ и Денот на Европа, во спомен на крајот на Втората светска војна во Европа во 1945 година и почетокот на создавањето на Европската унија, пет години подоцна.
Во Русија фокусот е на прославата на Денот на победата во Втората светска војна, додека во земјите на Европската унија, на „Денот на Европа“ како ден кој означува пресвртница во односите меѓу европските земји и кој го отвори патот за создавање на унија на држави на Стариот континент.
Оваа година се одбележува 73-годишнината од крајот на Втората светска војна и 68 години од започнувањето на иницијативата за создавање на денешна Европска Унија.
Овие два значајни настани во историјата на Европа, како и секоја година, се одвиваат во знакот на низа манифестации и сеќавање на жртвите на фашизмот и на загинатите.
Втората светска војна започна на 1 септември 1939 со инвазијата на нацистичка Германија врз Полска. Се претпоставува дека до 9 мај 1945 година околу 57 милиони луѓе загинале во војната. Геноцид, Холокаустот, бомбардирање цивили, атомската бомба се некои од настаните кои го одбележаа овој глобален судир.





