Армијата на Република Македонија (АРМ) денеска го слави својот празник, денот кога пред 77 години во Втората светска војна е формиран баталјонот „Мирче Ацев“.
Со наредба на Штабот на Втората оперативна зона, на 18 август 1943 година на Славеј Планина создадена е првата регуларна воена единица по името на народниот херој Мирче Ацев. Првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија го сочинувале борци од одредите „Даме Груев“, „Димитар Влахов“ и други од подрачјето на Западна Македонија. Со овој акт започна процесот на создавање македонска војска, која достигна сто илјади борци на крајот од војната во која извојува победа и го овозможи создавањето на македонската држава.
Денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ со одлука на Владата од 1993 година е прогласен за Ден на АРМ.






