На денешен ден пред 74 години почна остварувањето на заветот апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев да почива во главниот град на независна Македонија.
„Ги заколнуваме поколенијата светите коски да бидат погребани во идниот главен град на независна Македонија“, било напишано на ковчегот што на 7 октомври 1946 година со голема свеченост и со највисоки почести бил испратен од Софија за Скопје.
На свеченоста во Народниот театар во Софија на присутните им се обратил регентот и член на Бугарската академија на науките, Тодор Павлов, по што посмртните останки тргнале преку Пиринска Македонија кон македонската држава, за на 10 октомври со највисоки државни и воени почести да бидат пречекани во Скопје и положени во црквата „Св. Спас“.
Три години по неговото загинување на 4 мај 1903 година во борба со турскиот аскер во селото Баница, Егејска Македонија, коските на Делчев биле откопани ноќе од војводите Михаил Чаков и Таската Серски. Потоа ги потопуваат во шпиритус, ги ставаат во сандак и ги положуваат кај олтарот на црквата во селото, а клисарот Никола го задолжуваат да ги чува.
За време на Балканските и Првата светска војна, селото Баница трипати било палено, а еднаш и црквата, но олтарот и сандакот со моштите на Гоце Делчев останале неоштетени. За да ги зачува коските, Чаков повторно оди во селото во 1919 година, ги зема моштите и тајно ги пренесува во куќата во која живеел, каде скриени во подрумскиот простор ги чувал четири години.
На Илинден 1923 година ковчегот со посмртните останки на Делчев по четири години е изнесен од куќата на Чаков и однесен да биде чуван во просториите на Илинденската организација во Софија. Таа била организација на македонските револуционери – емигранти, кои биле следбедници на идеалите на Гоце Делчев за независна македонска држава.
Пренесувањето на коските на македонскиот револуционер во просториите на Илинденската организација во 1923 година било документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм „Македонија“. Филмот набргу бил забранет од бугарските власти, а една година подоцна, во 1924 година, Јовков бил заклан по наредба на Ванчо Михајлов.
Веднаш по Втората светска војна Македонија побарала од Бугарија коските на Делчев да бидат пренесени во Скопје, а според некои извори, тоа го издејствувал Димитар Влахов, кој имал блиски врски со тогашниот бугарски претседател Георги Димитров, по потекло од Пиринска Македонија.
Во знак на почит, Македонците три дена на раце го носеле ковчегот од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица и Штип до Скопје.






