„Ова не е Москва“, „Радев е предавник“ и „Оставка“ – ова го скандираа незадоволните граѓани од протестот вчера доцна попладне во Софија.
Демонстрантите носеа транспаренти : „Јас не сум црвен, јас сум Румен“, „ПРЕТСЕДАТЕЛ-КРАЈ“, „Рублен Радев, срам за Бугарија!“, „Радев – агентот на Путин“.
Паралелно е организирана петиција за импичмент на Радев.
Повод за протестот беше однесувањето на претседателот Румен Радев, кој без да го прикрие своето незадоволство, вториот мандат за формирање влада му го додели на кандидатот за премиер на ПП-ДБ, Николај Денков, на кого директно му порача тој да не се труди да го спроведе мандатот.
Граѓаните бараат да се почитуваат уставните механизми за парламентарно управување и редовна власт, да не се доведува во прашање европскиот пат на Бугарија, а институциите да ги исполнуваат обврските на државата како достојна членка на ЕУ и НАТО, јави „Сега,бг“
Настанот беше организиран на Фејсбук, а илјадници најавија присуство. Поддршка за него искажаа „Продолжуваме со промената“, од каде ги повикаа своите симпатизери да се вклучат. Подоцна му се придружија и лидерите на ПП Кирил Петков, Асен Василев и Даниел Лаурер.
„Бугарија нема пат кон Евроазија и кон исток“, изјави Кирил Петков. Според него, вистинските гаранти на демократијата се демонстрантите. „Во Бугарија постои граѓанско општество кое, гледајќи напад врз демократијата, го полни плоштадот следниот ден. Ова е вистинската гаранција дека она што ќе успееме да го промениме ќе остане променето“, посочи тој. „Луѓето кои сакаат да ги вратат старите безбедносни служби навистина чувствуваат дека го трошат своето историско време. Има неколку стотици илјади Бугари кои велат дека Бугарија е европска земја, Бугарија има потреба од европска влада и Бугарија нема пат кон Евроазија и исток. “, рече Петков.
„Во моментов се спушта нова железна завеса, која ја дели Европа на два дела – на демократија, слобода и просперитет и на поранешниот СССР. Нема место за земјите кои стојат на оградата. Ние мора да одлучиме кој е нашиот национален интерес. Секој што сака да не оттргне од нашиот пат е национален предавник. Ние веќе живеевме на погрешната страна на железната завеса, нема да дозволиме повеќе да живееме на погрешната страна“, рече Асен Василев од ПП.







