Продолжува хаосот во Израел откако утринава, како дел од протестот против судските реформи на израелската влада, демонстранти го окупираа аеродромот Бен Гурион во Тел Авив.
Поради ова, сите појдовни летови од Тел Авив се одложени до дополнително известување.
Шефот на израелскиот синдикат претходно повика на национален штрајк.
Синдикатот на аеродромските работници беше првиот што презеде акција. Лидерот на синдикатот им се јавил на работниците, по што сите полетувања од аеродромот биле прекинати. Водачот на синдикатот на аеродромот Бен Гурион, Пинчас Ајдан, рече дека „Наредив итно запирање на полетувањата на аеродромот“, според Тајмс оф Израел.
Израелското лекарско здружение и Федерацијата на локалните власти, исто така, соопштија дека се приклучуваат на штрајкот, јавуваат израелските медиуми.
Владата на Израел расправа за замрзнување на нејзината контроверзна планирана судска реформа по масовните протести избувнаа во неделата навечер, објави во понеделникот наутро „Ерусалим пост“.
Десетици илјади луѓе спонтано се собраа во Тел Авив за да протестираат поради тоа што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант откако тој ја повика владата да ја прекине реформата, чии клучни елементи се очекува да бидат усвоени во следните неколку дена.
Во Ерусалим, гневните демонстранти наводно ја пробиле блокадата во близина на резиденцијата на Нетанјаху, иако не е јасно дали 73-годишниот премиер бил дома.
Со оглед на ситуацијата, Нетанјаху свика итен состанок. Според „Ерусалим пост“, разговорите кои започнаа синоќа продолжија до раните утрински часови , а денеска треба да се одржи состанок на лидерите на екстремно десничарската коалициска влада.
Извор на владејачката „Ликуд“ партија изјави за Ројтерс дека Нетанјаху најверојатно ќе ја запре реформата.







